Генерална Конференција
Блудникот и Патот што Води до Дома
Oктомври 2023 Генерална Конференција


Блудникот и Патот што Води до Дома

Преку изборите што можеби ве оддалечиле од Спасителот и Неговата Црква, Учителот Исцелител стои на патот што води кон дома и ви посакува добредојде.

Извесен Човек Имал Два Сина

Некои ја нарекуваат најдобрата кратка приказна што некогаш е раскажана.1 Откако е преведена на илјадници јазици ширум светот, сосема е можно во последните два милениуми, сонцето да не зајде без некој да не се повика на приказната некаде во светот.

Раскажана е од Исус Христос, нашиот Спасител и Искупител, кој дојде на земјата „да го спаси она што е загубено.“2 Започнува со овие едноставни зборови: „Еден човек имаше два сина.“3

Веднаш, дознаваме за еден потресен конфликт. Еден син4 му кажал на својот татко дека завршил со животот дома. Тој ја сакал својата слобода. Тој сака да ја остави зад себе културата и воспитувањето на неговите родители. Го бара својот дел од наследството—и тоа веднаш.5

Можете ли да замислите како се чвствувал таткото кога го слушнал ова? Кога тој сватил дека неговиот син, повеќе од сѐ сака да го напушти семејството и можеби никогаш повеќе да не се врати дома?

Големата Авантура

Синот мора да почувствувал одушевеност од авантурата и возбудата. Најпосле, тој беше сам. Ослободен од принципите и културните норми од неговата младост, тој конечно можел да направи сопствен избор без влијание од неговите родители. Нема повеќе грижа на совест. Можеше да ужива во прифаќањето на истомислениците и да го живее животот по своја волја.

Пристигнувајќи во далечна земја, тој брзо стекна нови пријатели и почна да живее живот за кој отсекогаш сонувал. Сигурно им бил миленик на многумина, бидејќи слободно ги трошеше парите. Неговите нови пријатели–корисници на неговото блудство–не го осудуваа. Тие прославувале, ракоплескале и го бранеле неговиот избор.6

Да имаше социјални медиуми во тоа време, тој сигурно, би ги наполнил страниците со анимирани фотографии од насмеани пријатели: #Гоживеамнајдобриотживот! #Никогашпосреќен! #ТребашеДаГоСторамОваОдамна!

Гладот

Но забавата не траеше долго–никогаш не трае. Две работи се случија: прво тој останал без пари и второ, глад ја зафатил земјата.7

Како што се влошуваа проблемите, го фати паника. Некогаш незапирливиот, богаташ коцкар сега не можеше да си дозволи ниту еден оброк, а уште помалку место каде би преноќил. Како би преживеал?

Тој беше дарежлив кон своите пријателите–дали тие ќе му помогнат сега? Го гледам како бара малку поддршка–само привремено–додека не застане на свои нозе.

Светото писмо ни кажува,„Но никој не му даваше“.8

Очаjно борејќи се да остане жив, нашол локален фармер кој го најмил да му ги храни свињите.9

Сега веќе прегладнет, напуштен и сам, младиот човек мора да се прашувал како можеа работите да тргнат толку ужасно, страшно погрешно.

Празниот стомак не беше неговата единствена грижа. Го загрижуваше неговата празна душа. Беше толку сигурен дека препуштањето на неговите секуларни желби ќе го направи среќен, и дека моралните закони биле пречка на таа среќа. Сега тој знае подобро. И о, каква цена тој мораше да плати за тоа знаење!10

Како што растела физичката и духовна глад, така неговите мисли се враќале кај татко му. Дали би му помогнал, по сѐ што се случило? Дури и најпонизниот од слугите на неговиот татко имал храна за јадење и засолниште од невремето.

Но да се врати кај татко му?

Никогаш.

Да признае во неговото село дека го потрошил своето наследство?

Невозможно.

Да се соочи со соседите кои сигурно го предупредиле дека го обесчестува своето семејство и ги крши срцата на неговите родители? Да се врати на своите стари пријатели откако се пофалил како се ослободил од нив?

Неподносливо.

Но гладта, осаменоста и каењето едноставно не исчезнуваа—сѐ додека не „дојде на себе си“.11

Тој знаеше што треба да направи.

Враќањето

Сега ајде да се вратиме на таткото, господарот на куќата со скршено срце. Колку стотици, ако не и илјадници часови поминал грижејќи се за својот син?

Колку пати погледнал накај патот и ја преживеал истата загуба што ја почувствувал кога неговиот син заминувал? Колку молитви понудил длабоко во ноќта, пледирајќи со Бога за да неговиот син биде безбеден, за да ја открие вистината, и да се врати?

И тогаш, еден ден, таткото се загледал на тој напуштен пат—патот што водел до дома—и видел далечна фигура како доаѓа кон него во далечината.

Дали е возможно?

И покрај тоа што човекот бил многу далеку, таткото во истиот миг знаел дека тоа е неговиот син.

Тој потрча кон него, го прегрна и го целива.12

„Татко“, извика синот, со зборови што мора да ги повторил илјадапати, „згрешив против небото и против тебе. И не сум веќе достоен да се наречам твој син. Сѐ што барам е да ме примиш како еден од твоите наемници.”13

Таткото едвај му дозволил да заврши. Со солзи во очите им заповеда на своите слуги: „Изнесете најубава промена и облечете го. и дајте му прстен на раката негова, и обувки на нозете. Да јадеме и да се веселиме. Мојот син изгубен беше и се најде!”14

Славењето

Во мојата канцеларија виси слика од германскиот уметник Ричард Бурде. Хариет и јас ја сакаме оваа слика. Прикажува една нежна сцена од параболата на Спасителот во подлабока перспектива.

Слика
Враќањето на Блудниот син, од Ричард Бурде.

Додека сите биле воодушевени од враќањето на синот, само еден не бил—неговиот постар брат.15

Со себе носел емотивен багаж.

Тој бил таму кога неговиот брат го побарал неговото наследство. Бил сведок од прва рака на огромната тежина на тагата што го оптоварувала неговиот татко.

Откако си заминал брат му, тој се обидувал да му го олесни товарот на татко му. Секој ден, се трудел да го утеши скршеното срце на неговиот татко.

А сега, непромисленото дете се враќа, и луѓето не можат а да не обрнуваат внимание на неговиот своеволен брат.

„Ти служам толку години“, му вели на татко му, „и никогаш не ја прекршив твојата заповед. Сепак, цело ова време, за мене никогаш не направи веселба“.16

Таткото исполнет со љубов, одговара, „Мил синко, сѐ мое е твое! Не станува збор за споредување на награди или провеселување. Станува збор за исцелување. Ова е моментот на кој се надевав сите овие години. Твојот брат беше мртов, и оживе! Беше изгубен но сега тој е најден!”17

Парабола за наше Време

Мои сакани браќа и сестри, почитувани пријатели, како и сите параболи на Спасителот, и оваа не ги засега само луѓето кои живееле одамна. Не засега вас и мене, денес.

Кој од нас не отстапил од патот на светоста, глупаво мислејќи дека можеме да најдеме повеќе среќа одејќи по сопствениот егоистичен пат?

Кој од нас не се почувствувал понижен, со скршено срце и очаен за прошка и милост?

Можеби некои дури се запрашале, „Дали е воопшто можно да се вратиме назад? Дали засекогаш ќе бидам етикетиран, отфрлен и избегнуван од моите поранешни пријатели? Дали не е подобро едноставно да се остане изгубен? Како ќе реагира Бог ако се обидам да се вратам?“

Оваа парабола го дава одговорот.

Нашиот Небесен Отец ќе истрча кон нас, со срце преполно со љубов и сочувство. Тој ќе нѐ прегрне, ќе ни стави наметка околу рамениците, прстен на прстот, сандали на нозете, и ќе ни објави, „Денес, прославуваме! Зашто моето чедо, кое некогаш беше мртво, се врати во живот!“

Небото ќе се радува на нашето враќање.

Радост Неискажлива и Полна со Слава

Смеам ли да одвојам момент и да разговарам со вас лично?

Без разлика што се случило во вашиот живот, ги повторувам и објавувам зборовите на мојот сакан пријател и колега Апостолот Џефри Р. Холанд: „Не е можно да потонете пониско од сјајот на бесконечната светлина на Христовата [помирувачка жртва]“.18

Иако изборите можеби ве оддалечиле од Спасителот и Неговата Црква, Учителот Исцелител стои на патот кон дома и ви посакува добредојде. И ние, како членови на Црквата на Исус Христос, бараме да го следиме Неговиот пример и да ве дочекаме како наши браќа и сестри, како наши пријатели. Се радуваме и прославуваме со вас.

Вашето враќање нема да ги намали благословите на другите. Зашто благодатта на Отецот е бесконечна и она што им се дава на едни ни најмалку не го намалува првородството на другите.19

Нема да ве лажам дека враќањето е лесно. Можам да сведочам за тоа. Всушност, тоа може да биде најтешкиот избор што некогаш сте го направиле.

Но јас сведочам дека во моментот кога ќе одлучите да се вратите и да одите по патот на нашиот Спасител и Искупител, Неговата моќ ќе влезе во вашиот живот и ќе го трансформира.20

Ангелите небесни ќе се радуваат.

А и ние, вашето семејство во Христа. На крајот на краиштата, сите ние знаеме како е да си блуден. Сите ние секојдневно се потпираме на истата помирувачка моќ на Христос. Го знаеме тој пат, и ќе го изодиме со вас.

Не, нашиот пат нема да е ослободен од тага или болка, тага или нажаленост. Но дотука сме стигнале „преку Христовите зборови со непоколеблива вера во него, потпирајќи се целосно на заслуите на оној кој е моќен да спасува.“ Сѐ на сѐ ќе „одиме непоколебливо напред во Христа, имајќи надеж за совршена јасност и љубов кон Бога и и кон сите [луѓе]“.21 Заедно ќе се „радуваме со радост неискажлива и полна со слава“,22 зашто Исус Христос е нашата сила!23

Мојата молитва е дека секој еден од нас може да ја слушне оваа од срце кажана парабола, за татковскиот глас кој нѐ повикува да стапнеме на патот што води кон дома–за да имаме храброст да се покаеме, да добиеме прошка и да го следиме патот што води назад до нашиот сочувствителен и милозлив Бог. За ова јас давам сведоштво и ви го оставам мојот благослов, во името на Исус Христос, амин.

Белешки

  1. Во Лука 15, се наоѓа една од трите параболи (за изгубената овца, изгубената паричка и изгубениот син) која ја илустрира вредноста на изгубените работи и прославувањето што се случува кога она што е изгубено ќе се пронајде.

  2. Лука 19:10.

  3. Лука 15:11.

  4. Овој син веројатно бил млад. Бил неженет, што најверојатно е индикација на неговата младост, но не толку млад да не може да го побара својот дел од наследството и да го напушти домот штом ќе го добие.

  5. Според еврејските закони и традиција, постариот од двата сина има право на две-третини од наследството на својот татко. Затоа помладиот син имал право на третина од наследството. (Види Второзаконие 21:17.)

  6. Види Лука 15:13

  7. Види Лука 15:14

  8. Лука 15:16.

  9. За Евреите, свињите се сметаат за „нечисти“ (види Второзаконие 14:8) и биле навредливи. Традиционалните Евреи не би одгледувале свињи, што покажува дека надгледникот бил неевреин. Ова исто така може да укаже на растојанието што малиот син го поминал патувајќи за да се дистанцира од набудливите Евреи.

  10. Старешина Нил А. Максвел поучувал: „Се разбира, подобро е да бидеш [понизен] ‘поради зборот’ отколку да бидеш понизен од околностите, но вторите можат да го прават! (види Алма 32:13–14). Гладта може да наведе на духовна глад” („The Tugs and Pulls of the World,” Liahona, Jan. 2001, 45).

  11. Лука 15:17.

  12. Види Лука 15:20.

  13. Види Лука 15:18–19, 21.

  14. Види Лука 15:22–24.

  15. Сетете се, помладиот син веќе го добил своето наследството. За постариот, тоа значело дека сѐ друго му припаѓа нему. Да се даде сѐ на помладиот син би значело да се одземе од синот кој останал.

  16. Види Лука 15:29.

  17. Види Лука 15:31-32.

  18. Jeffrey R. Holland, “The Laborers in the Vineyard,” Liahona, May 2012, 33.

  19. Она што му се дава на некого не го намалува првородството на другите. Спасителот поучувал за ова учење кога ја понудил параболата за работниците во лозјето во Матеј 20:1–16.

  20. Види Алма 34:31.

  21. 2 Нефи 31:19–20.

  22. 1 Петар 1:8.

  23. Види Псалми 28:7.