Генерална Конференција
Пронаоѓање Радост во Христос
генералната конференција во Октомври 2020


Пронаоѓање Радост во Христос

Најсигурниот начин да ја пронајдете радоста во овој живот е да му се придружиме на Христа во помагањето на другите.

Господ не бара од нашето Ароново младинско свештенство да направи сѐ, но она што Тој го бара е импресивно.

Пред неколку години, нашето мало семејство помина низ она со кое се соочуваат многу семејства во овој отпаднат свет. Нашиот најмлад син, Танер Кристијан Лунд, заболе од рак. Беше извонредна душа, како што девет-годишниците тежнеат да бидат. Тој беше урнебесно палав, истовремено и запрепастувачки духовно свесен. Враг и ангел, палав и кроток. Кога беше мал и секој ден нѐ изненадуваше со своите ѓаволштини, се прашувавме дали ќе биде пророк или ограбувач на банка кога ќе порасне. Вака или така, се чинеше дека тој ќе остави белег во светот.

А потоа тој очајно се разболе. Во наредните три години, современата медицина користеше херојски мерки, вклучувајќи две трансплантации на коскената срж, каде што доби пневмовија, барајќи од него да помине 10 недели на вентилатор. За чудо, тој се опорави за кратко време, но потоа неговиот рак повторно се врати.

Кратко пред да почине, Танеровата болест ги нападна неговите коски, и покрај јаките лекарства против болка, сѐ уште ја чувствуваше. Едвај можеше да стане од креветот. Едно неделно утро, неговата мајка, Калин, влезе во неговата соба за да го провери пред семејството да замине во црква. Се изненади кога виде дека тој некако се облекол и седеше на работ од својот кревет, болно мачејќи се да го дофати копчето од неговата кошула. Калин седна до него. „Танер,“ рече таа, „дали си сигурен дека се чувствуваш доволно силен за да одиш во црква? Можеби треба да останеш дома и да се одмориш денес.“

Тој зјапаше во подот. Беше ѓакон. Имаше кворум. И имаше задача.

„Денеска би требало да го додавам сакраментот.“

„Па, сигурна сум дека некој би можел да го стори тоа за тебе.“

„Да,“ рече тој, „но … гледам како луѓето ме гледаат кога го додавам сакраментот. Мислам дека тоа им помага.“

Така, Калин му помогна да ја закопча кошулата и да ја заврзе вратоврската, и тие се одвезоа до црква. Јасно, нешто важно се случуваше.

Јас дојдов во црква од претходен состанок и толку се изненадив што го видов Танер како седи во редот за ѓакони. Калин тивко ми кажа зошто беше таму и што рече: „Мислам дека тоа им помага на луѓето.“

И така, гледав како ѓаконите пристапуваат до сакраменталната маса. Тој нежно се потпре на другиот ѓакон додека свештениците им ги додава послужавниците со лебни парчиња. И потоа Танер се одвлечка на неговото одредено место и се фати за работ на клупата за да се одржи при врачувањето на сакраментот.

Се чинеше дека секое око во капелата беше вперено кон него, трогнати од неговата борба како и од неговиот едноставен чин. Танер некако како да изразуваше тивка проповед додека свечено застанувајќи се преместуваше од ред во ред—неговата ќелава глава влажна од пот—претставувајќи го Спасителот на начин на којшто ѓаконите го прават тоа. Неговото некогаш нескротливо ѓаконско тело кое беше само малку рането, помодрено, искршено, и раскинато, доброволно страдаше за да служи носејќи ги амблемите на Спасителовото Помирување во нашите животи.

Гледајќи како тој почна да размислува за својот повик го промени и нашето размислување исто така—за сакраментот, за Спасителот, и за ѓаконите, учителите и свештениците.

Се чудев на неискажаното чудо што го натера тоа утро да одговори толку храбро на тој мирен, мал повик за служба, и за силата и капацитетот на сета наша новонастаната младина, додека се туркаат кој да одговори на пророчкиот повик, за да се најде на списокот на Божјите баталиони и да се придружи на работата за спасение и егзалтација.

Секогаш кога еден ѓакон го држи сакраменталниот послужавник, се потсетуваме на светата приказна од Тајната Вечера, на Гетсеманската градина, на Калвари, и на гробницата во градината. Кога Спасителот им рече на Неговите Апостоли, „Ова правете го во сеќавање на мене,“1 Тој исто така ни зборуваше на секој од нас низ вековите. Тој зборуваше за бескрајното чудо што ќе го овозможи како што идните ѓакони, учители, и свештеници кои ќе ги презентираат Неговите амблеми ќе ги повикуваат Неговите деца да го прифатат Неговиот помирувачки подарок.

Сите сакраментални симболи нѐ упатуваат на тој дар. Рамислуваме за лебот што Тој еднаш го скрши—и на лебот што свештениците пред нас, за возврат, го кршат сега. Размислуваме за значењето на осветената течност, тогаш и сега, додека сакраменталните молитви свечено течат од устите на младите свештеници во нашите срца и во небесата, обновувајќи ги заветите што нѐ поврзуваат до самите сили на Христовото спасение. Може да размислуваме што значи кога ѓакон ни ги носи сакраменталните симболи, стоејќи како што Исус би стоел да беше тука, нудејќи ни да го подигне нашиот товар и нашата болка.

За среќа, младите мажи и жени не треба да се разболуваат за да ја откријат радоста и целта во служењето на Спасителот.

Старешина Дејвид А. Беднар учи дека за да се порасне и да се стане онаков како што мисионерите се, треба да го правиме тоа што мисионерите го прават, и потоа, „малку по малку и заповед по заповед, … [ние] можеме постепено да стануваме мисионерите … што Спасителот ги очекува.“2

На ист начин, ако посакаме „да бидеме како Исус,“3 треба да го правиме она што Исус го прави, и во една неверојатна реченица, Господ објаснува што е тоа што Тој го прави: Тој вели, „Зошто видете, ова е мојата работа и мојата слава—да се донесе бесмртноста и вечниот живот на човекот.“4

Мисијата на Спасителот отсекогаш и засекогаш била да му служи на Својот Татко со спасување на Неговите деца.

А најсигурниот начин да се пронајде радост во овој живот е да Му се придружиме на Христос во помагањето на другите.

Ова е едноставна вистина што ја инспирира програмата за Деца и Млади.

Сите активности за Деца и Млади и сите учења за Деца и Млади се за да им се помогне на младите луѓе да наликуваат сѐ повеќе на Исус придружувајќи му се во Неговата работа на спасение и егзалтација.

Деца и Млади е алатка за помош на секое дете од Основно и младинец да растат во учење и да стекнат вера исполнета со визија за тоа како изгледа патот на среќата. Можат да дојдат за да антиципираат и да копнеат за попатните станици и патокази по заветниот пат, каде ќе бидат крштавани и потврдени со дарот на Светиот Дух и наскоро ќе припаѓаат на кворумите и часовите за Млади Жени, каде ќе ја почувствуваат радоста од помагањето на другите преку постепени Христолики дејствија на служба. Ќе постават цели, големи и мали, што ќе донесат баланс во нивните животи како што стануваат сѐ послични на Спасителот. Конференциите „За Силата на Младите“ и списанијата, Пријател, и апликацијата „Живеј го Евангелието“ ќе им помогнат да се фокусираат на пронаоѓање на радост во Христос. Ќе ги очекуваат благословите од поседување на храмска препорака за ограничена-употреба и ќе го почувствуваат духот на Илија преку влијанието на Светиот Дух додека следуваат благословите на храмот и на семејната историја. Ќе бидат водени од патријархови благослови. Со време, ќе се видат себе си како одат во храмови за да бидат дарувани со моќ и за да најдат радост додека вечно се поврзуваат, без разлика на тоа што се случува со нивните семејства.

Против спротивните ветришта на пандемијата и несреќите, одржувањето во целост на ветувањето за нова програма за Деца и Млади сѐ уште е работа во тек—а постои потреба од итност. Нашата младина не може да чека за светот да се обнови пред тие да го запознаат Спасителот. Некои донесуваат одлуки и сега што не би ги донеле ако би го разбрале својот вистински идентитети—и Неговиот.

И така, итниот повик од Божјите баталијони во оваа судбоносна обука е за „сите раце на палубата!“

Мајки и татковци, вашите синови имаат потреба од поддршка сега со истата страст како и секогаш во минатото, кога стануваше збор за помали нешта како значки и шпенадли. Мајки и татковци, водачи на свештенството и на Млади Жени, ако вашата младина се бори со потешкотии, Деца и Млади ќе помогне да се донесат кај Спасителот, а Тој ќе им донесе мир.5

Претседателства на Кворум и на клас, направете чекор напред и завземете го вистинското место во Господовата работа.

Епископи, поврзете ги вашите клучеви со оние на претседателите на кворум, тогаш вашите кворуми—и вашите оддели—засекогаш ќе се променат.

На вас од генерацијата што расте, јас ви сведочам, како некој што знае, дека сте саканите синови и ќерки на Бог, а Тој има работа за вас да ја извршите.

Како што се воздигнувате до величенственоста на своите станици, со сето свое срце, моќ, памет, и сила, ќе го засакате Бог и ќе ги одржувате вашите завети и ќе верувате во Неговото свештенство додека работите на благословување на другите, почнувајќи од сопствените домови.

Се молам за да се стремите, со удвоена енергија достојна за ова време, да служите, да ја практикувате верата, да се покајувате, и да се подобрувате секој ден, за да се квалификувате за примање на храмските благослови и трајната радост што доаѓаат само преку евангелието на Исус Христос. Се молам за да бидете подготвени да станете тој вреден мисионер, верен сопруг или сопруга, сакан татко или мајка што ви е ветено дека конечно може да станете со тоа што ќе бидете вистински ученик на Исус Христос.

Може да помогнете за да го подготвите светот за враќањето на Спасителот канејќи ги сите да дојдат кај Христос и да ги примат благословите на Неговото Помирување. Во името на Исус Христос, амин.

Белешки

  1. Лука 22:19.

  2. Дејвид А. Беднар (David A. Bednar, “Becoming a Missionary,” Liahona, Nov. 2005, 46.)

  3. „Јас се обидувам да бидам како Исус; Јас ги следам неговите начини. Се обидувам да сакам како и тој, во сѐ она што го правам и го велам“ (“I’m Trying to Be like Jesus,” Children’s Songbook, 78–79).

  4. Мојсеј 1:39.

  5. Јас лично изразувам благодарност на посветените родители и водачи низ нашата историјата кои толку рештелно им помагаа на младите луѓе да израснат. Признавам дека новите напори на програма за Деца и Млади и должат многу на секоја активност и програма за постигнување што и претходеа.