Свети Писма
Хеламан 16


Глава 16

Нефитите кои му веруваат на Самуел се крстени од Нефи—Самуел не може да биде убиен со стрелите и камењата на непокајничките Нефити—Некои ги закоравуваат нивните срца, а други гледаат ангели—Неверниците велат дека не е разумно да веруваат во Христос и Неговото доаѓање во Ерусалим. Околу 6–1 п.н.е.

1 И сега, се случи дека постоеја многу кои ги слушнаа зборовите на Самуел, Ламанитот, кои ги зборуваше на ѕидините на градот. И сите што веруваа во неговите зборови тргнаа и го бараа Нефи; и кога дојдоа и го пронајдоа, му ги признаа нивните гревови и не ги негираа, посакувајќи да бидат крстени во Господ.

2 Но сите што не веруваа во зборовите на Самуел му беа лути; и фрлаа камења по него на ѕидот; и исто многу стрелаа на него додека стоеше на ѕидот, но Господовиот Дух беше со него, толку што не можеа да го удрат со нивните камења ниту со нивните стрели.

3 Сега кога видоа дека не можеа да го удрат, постоеја многу повеќе кои веруваа во неговите зборови, толку што отидоа кај Нефи да бидат крстени.

4 Зашто ете, Нефи крштаваше, и пророкуваше, и проповедаше, довикувајќи покајание кај народот, покажувајќи знаци и чудеса, правејќи чуда помеѓу народот, за да знаат дека Христос мора за кратко да дојде—

5 Кажувајќи им за нешта кои мора за кратко да дојдат, за да знаат и да се сетат во времето на нивно доаѓање дека им биле откриени однапред, со намера да можат да веруваат; затоа сите што веруваа во зборовите на Самуел тргнаа кај него да бидат крстени, бидејќи дојдоа покајувајќи се и признавајќи ги нивните гревови.

6 Но поголемиот дел од нив не веруваше во зборовите на Самуел; затоа кога видоа дека не можеа да го удрат со нивните камења и стрели, им довикуваа на нивните капетани, велејќи: Земете го овој човек и врзете го, зашто ете тој има ѓавол; и поради моќта на ѓаволот која е во него не можеме да го удриме со нашите камења и нашите стрели; затоа земете го и врзете го, и одведете го.

7 И како што тие тргнаа да ги положат нивните раце врз него, ете, тој се фрли од ѕидот, и избега од нивните земји, да, и тоа во неговата сопствена земја, и започна да проповеда и пророкува помеѓу неговиот сопствен народ.

8 И ете, повеќе не се слушна за него помеѓу Нефитите; и такви беа околностите на народот.

9 И така заврши осумдесет и шестата година од владеењето на судиите над Нефитскиот народ.

10 И така исто заврши осумдесет и седмата година од владеењето на судиите, поголемиот дел на народот остана во нивната гордост и пакост, а помалиот дел чекорејќи поблагоразумно пред Бог.

11 И ова исто така беа условите, во осумдесет и осмата година од владеењето на судиите.

12 И немаше многу промени во околностите на народот, освен што народот започна да биде постврднат во беззаконие, и да прави повеќе и повеќе од тоа што беше спротивно на Божјите заповеди, во осумдесет и деветтата година од владеењето на судиите.

13 Но се случи во деведесеттата година од владеењето на судиите, на народот да му бидат дадени големи знаци, и чуда; и зборовите на пророците започнаа да се исполнуваат.

14 И ангелите им се појавија на луѓето, на мудреци, и им објавија мили вести за голема радост; така во оваа година светите писма започнаа да се исполнуваат.

15 Сепак, народот започна да ги закоравува срцата, сите освен оној дел што најмногу верува, и од Нефитите и исто така од Ламанитите, и започнаа да зависат од сопствената сила и сопствената мудрост, велејќи:

16 Можеби некои нешта ги погодија точно, помеѓу толку други; но ете, знаеме дека сите овие големи и зачудувачки нешта не можат да се случат, за кои беше зборувано.

17 И тие започнаа да расудуваат и да се препираат помеѓу себе, велејќи:

18 Дека не е разумно такво битие како Христос да дојде; ако е така, и Тој е Божји Син, Отецот на небото и на земјата, како што беше кажано, зошто Тој нема да ни се покаже Самиот на нас а исто и на нив кои ќе бидат во Ерусалим?

19 Да, зошто Тој не се покаже Самиот во оваа земја а исто и во земјата Ерусалим?

20 Но ете, знаеме дека ова е пакосна традиција, која ни беше предадена од нашите татковци, да нѐ натера да веруваме во некое големо и зачудувачко нешто кое треба да се случи, но не помеѓу нас, туку во земја која е далечна, земја која не ја знаеме; затоа можат да нѐ држат во неукост, бидејќи не можеме да сведочиме со сопствените очи дека е вистина.

21 И тие, преку лукавите и мистериозни вештини на злобниот, ќе направат некоја голема мистерија која не можеме да ја разбереме, што ќе нѐ држи да бидеме слуги на нивните зборови, и исто така нивни слуги, бидејќи зависиме од нив да нѐ поучуваат за словото; бидејќи така ќе нѐ држат во неукост ако им се предадеме, сите денови од нашите животи.

22 И уште многу други нешта народот замислуваше во нивните срца, кои беа будалести и суетни; и беа многу вознемирени, бидејќи Сатаната ги наведе да прават беззаконие постојано; да, тој одеше наоколу ширејќи гласини и препирања врз целото лице на земјата, за да може да ги закорави срцата на народот против тоа што беше добро и против тоа што ќе дојде.

23 И без оглед на знаците и чудата кои беа исполнети помеѓу Господовиот народ, и многуте чуда што ги направија, Сатаната силно ги обзема срцата на луѓето врз целото лице на земјата.

24 И така заврши деведесеттата година од владеењето на судиите над Нефитскиот народ.

25 И така заврши книгата на Хеламан, според записот на Хеламан и неговите синови.