Свети Писма
Хеламан 13


Пророштвото на Самуел, Ламанитот, за Нефитите.

Ги опфаќа главите од 13 до 15.

Глава 13

Самуел Ламанитот го пророкува уништувањето на Нефитите освен ако не се покајат—Тие и нивните богатства се проколнати—Ги одбиваат и каменуваат пророците, опкружени се со демони, и бараат среќа правејќи беззаконие. Околу 6 п.н.е.

1 И сега се случи во осумдесет и шестата година, Нефитите сѐ уште останаа во пакост, да, во голема пакост, додека Ламанитите строго гледаа да ги одржуваат Божјите заповеди, според Мојсиевиот закон.

2 И се случи во оваа година постоеше еден Самуел, Ламанит, кој дојде во земјата Зарахемла, и започна да му проповеда на народот. И се случи да им проповеда, многу денови, покајание на народот, и тие го отфрлија, и за малку ќе се вратеше во неговата сопствена земја.

3 Но ете, Господовиот глас дојде кај него, да се врати повторно, и да му проповеда на народот секакви нешта што му доаѓаат во неговото срце.

4 И се случи да не дозволат да влезе во градот; затоа отиде и застана на ѕидот, и ја испружи неговата рака и повика со силен глас, и му проповедаше на народот секакви нешта што Господ му ги вметна во срцето.

5 И тој им кажа: Ете, Јас, Самуел, Ламанит, ги зборувам Господовите зборови што Тој ми ги вметна во моето срце; и ете Тој ми го вметна во моето срце да му кажам на овој народ дека мечот на правдата виси над овој народ; и нема да поминат четиристотини години а мечот на правдата да не падне на овој народ.

6 Да, тешко уништување го чека овој народ, и сигурно доаѓа врз овој народ, и ништо не може да го спаси овој народ освен покајанието и верата во Господ Исус Христос, Кој сигурно ќе дојде во светот, и ќе претрпи многу нешта и ќе биде убиен за Неговиот народ.

7 И ете, Господовиот ангел ми го објави, и донесе радосни вести на мојата душа. И ете, бев испратен кај вас за да ви го објавам и на вас, за да можете да имате радосни вести; но ете не би ме примиле.

8 Затоа, така кажа Господ: Поради закоравеноста на срцата на Нефитскиот народ, доколку не се покајат Јас ќе го одземам од нив Моето слово, и Јас ќе го повлечам Мојот Дух од нив, и Јас нема повеќе да им дозволувам, и Јас ќе ги завртам срцата на нивните браќа против нив.

9 И нема да поминат четиристотини години пред Јас да направам да бидат удрени; да, Јас ќе ги посетам со меч, со глад, и со чума.

10 Да, Јас ќе ги посетам со Мојот жесток гнев, и ќе бидат тие од четвртото поколение кои ќе живеат, од вашите непријатели, да го гледаат вашето целосно уништување; и ова сигурно ќе дојде ако не се покаете, кажа Господ; и тие од четвртото поколение ќе ве посетат со уништување.

11 Но ако се покаете и се вратите кај Господ вашиот Бог, Јас ќе го тргнам Мојот гнев, кажа Господ; да, така кажа Господ, благословени се тие кои ќе се покајат и завртат кон Мене, но тешко на оној кој не се покајува.

12 Да, тешко на овој голем град Зарахемла; зашто ете, тој е спасен поради тие кои се праведни; да, тешко на овој голем град, зашто Јас согледувам, кажа Господ, дека постојат многу, да, и тоа поголемиот дел од овој град, што ќе ги закорават нивните срца против Мене, кажа Господ.

13 Но благословени се оние кои ќе се покајат, бидејќи нив Јас ќе ги поштедам. Но ете, да не беа праведните кои се во овој голем град, ете, Јас ќе предизвикам оган да се спушти од небото и да го уништи.

14 Но ете, за доброто на праведните е поштеден. Но ете, доаѓа времето, кажа Господ, дека кога ќе ги отфрлите праведните од помеѓу вас, тогаш ќе бидете созреани за уништување; да, тешко на овој голем град, поради пакоста и одвратностите кои се во него.

15 Да, и тешко на градот Гидеон, поради пакоста и одвратностите кои се во него.

16 Да, и тешко на сите градови кои се во земјата наоколу, кои се поседувани од Нефитите, поради пакоста и одвратностите кои се во нив.

17 И ете, клетва ќе ја стигне земјата, кажа Господ на Војските, за доброто на луѓето кои се во земјата, да, поради нивната пакост и одвратности.

18 И ќе се случи, кажа Господ на Војските, да, нашиот голем и вистински Бог, дека кој и да крие богатства во земјата нема повеќе да ги најде, поради големата клетва на земјата, освен ако е праведен човек и ги скрие кај Господ.

19 Зашто Јас сакам, кажа Господ, да ги скријат нивните богатства кај Мене; и проклети се оние кои нема да ги скријат нивните богатства кај Мене; бидејќи никој не ги крие нивните богатства кај Мене освен праведните; а Тој кој нема да ги скрие неговите богатства кај Мене, тој е проклет, и исто така богатството, и никој нема да го искупи поради клетвата на земјата.

20 И ќе дојде денот кога ќе ги скријат нивните богатства, бидејќи ги насочиле нивните срца на богатства; и бидејќи ги насочиле нивните срца на нивните богатства, и ќе ги скријат нивните богатства кога ќе бегаат пред нивните непријатели; бидејќи нема да ги скријат кај Мене, нека се проклети а исто и нивните богатства; и на тој ден ќе бидат погодени, кажа Господ.

21 Ете вие, народот на овој голем град, и послушајте ги моите зборови; да, послушајте ги зборовите кои ги кажа Господ; зашто ете, Тој кажа дека сте проколнати поради вашите богатства, и исто вашите богатства се проколнати бидејќи ги насочивте вашите срца на нив, и не ги послушавте зборовите на Тој кој ви ги даде.

22 Не се сеќавате на Господ вашиот Бог во нештата во кои Тој ве благослови, туку секогаш се сеќавате на вашите богатства, а не да Му се заблагодарувате на Господ вашиот Бог за нив; да, вашите срца не се привлечени кон Господ, туку отекуваат од голема гордост, во фалење, и големо отекување, завидувања, расправии, злоба, прогонувања, и убиства, и секаков вид на беззаконија.

23 Зашто поради оваа причина Господ Бог предизвика клетва да дојде врз земјата, и исто така врз вашите богатства, а ова поради вашите беззаконија.

24 Да, тешко на овој народ, поради ова време што дојде, што ги отфрлате пророците, и исмејувате, и ги каменувате, и ги убивате, и им правите секаков вид на беззаконие на нив, и тоа како што правеа во старите времиња.

25 И сега кога зборувате, велите: Ако нашите денови беа во деновите на нашите татковци од минатото, немаше да ги убиеме пророците; немаше да ги каменуваме, и да ги отфрлиме.

26 Ете вие сте полоши од нив; бидејќи како што живее Господ, ако дојде пророк помеѓу вас и ви го објави Господовото слово, кое сведочи за вашите гревови и беззаконија, вие сте му лути, и го отфрлувате и барате секаков начин да го уништите; да, ќе кажете дека е лажен пророк, и дека е грешник, и од ѓаволот, бидејќи сведочеше дека вашите дела се злобни.

27 Но ете, ако дојде човек помеѓу вас и ако каже: Правете го ова, и нема никакво беззаконие; правете го тоа и нема да страдате; да, ќе каже: Чекорете по гордоста на вашите срца; да, чекорете по гордоста на вашите очи; и правете што и да ви посакува срцето—и ако човек дојде помеѓу вас и ви го каже ова, ќе го примите, и ќе кажете дека е пророк.

28 Да, ќе го кренете, и ќе му дадете од вашиот имот; ќе му дадете од вашето злато, и од вашето сребро, и ќе го облечете со скапа облека; и бидејќи ви зборува со ласкави зборови, и кажа дека сѐ е добро, тогаш нема да пронајдете вина кај него.

29 О вие пакосно и перверзно поколение; вие закоравен и вкочанет народе, уште колку мислите дека Господ ќе ви дозволува? Да, уште колку ќе дозволувате да бидете водени од будалести и слепи водачи? Да, уште колку долго ќе одбирате темнина наместо светлина?

30 Да, ете, гневот на Господ веќе е распален против вас; ете, Тој ја проколна земјата поради вашето беззаконие.

31 И ете, дојде времето Тој да ги проколне вашите богатства, за да станат лизгави, за да не можете да ги држите; и во деновите на вашата сиромаштија не можете да ги задржите.

32 И во деновите на вашата сиромаштија ќе го довикате Господ; и залудно ќе молите бидејќи вашиот пустош веќе е стигнат врз вас, и вашето уништување е сигурно; и тогаш ќе плачете и лелекате, кажа Господ на Војските. И тогаш ќе молите и ќе кажете:

33 О да се покајав, и не ги убив пророците, и не ги каменував, и не ги отфрлив. Да, на тој ден ќе кажете: О да се сетивме на Господ нашиот Бог на денот кога Тој ни ги даде нашите богатства, и тогаш немаше да станат лизгави за да ги изгубиме; зашто ете, нашите богатства исчезнаа од нас.

34 Ете, оставаме алат овде а следниот ден го нема; и ете, нашите мечови се земени од нас на денот кога ги баравме за борба.

35 Да, ги скривме нашите богатства и се лизнаа од нас, поради клетвата на земјата.

36 О да се покајавме на денот кога Господовото слово дојде кај нас; зашто ете земјата е проколната, и сите нешта станаа лизгави, и не можеме да ги држиме.

37 Ете, опкружени сме со демони, да, опкружени сме наоколу со ангели на оној кој настојува да ги уништи нашите души. Ете, нашите беззаконија се големи. О Господе, зарем не можеш Ти да го тргнеш Твојот гнев од нас? И ова ќе биде твојот јазик во тие денови.

38 Но ете, деновите на вашата проба се поминати; го оддолжувавте денот на вашето спасение додека е вечно предоцна, и вашето уништување е сигурно; да, бидејќи сите денови од вашите животи го баравте тоа што не можете да го стекнете; и баравте среќа правејќи беззаконие, што е спротивно на природата на таа праведност која е во нашиот голем и Вечен Водач.

39 О вие народе на земјата, да ги слушнете моите зборови! И се молам Господовиот гнев да биде тргнат од вас, и да се покаете и да бидете спасени.