Свети Писма
1 Нефи 3


Глава 3

Синовите на Лехи се враќаат во Ерусалим за да ги земат плочите од месинг—Лабан одбива да ги даде плочите—Нефи ги повикува и охрабрува неговите браќа—Лабан го краде нивниот имот и се обидува да ги убие—Ламан и Лемуил ги удираат Нефи и Сем и се укорени од еден ангел. Околу 600–592 п.н.е.

1 И се случи дека јас, Нефи, се вратив од разговорот со Господ, до шаторот на татко ми.

2 И се случи дека тој ми говореше, велејќи: Ете, сонував еден сон, во кој Господ ми заповеда дека ти и твоите браќа ќе се вратите во Ерусалим.

3 Зашто, ете, Лабан го има записот на Евреите а исто и родословие на моите предци, и тие се врежани врз плочи од месинг.

4 Затоа, Господ ми заповеда дека ти и твоите браќа треба да отидете во куќата на Лабан, и да ги побарате записите, и да ги донесете овде во дивината.

5 И сега, ете, твоите браќа мрморат, велејќи дека е тешка работа која сум ја побарал од нив; но, ете, јас не сум го побарал тоа од нив, туку тоа е заповед од Господ.

6 Затоа оди сине мој, и ќе бидеш благодатен од Господ бидејќи не си мрморел.

7 И се случи дека јас, Нефи, му реков на татко ми: јас ќе одам и ќе ги направам нештата кои Господ ми ги заповеда, зашто знам дека Господ не им дава заповеди на човечките деца, освен ако Тој не подготви начин за нив да можат да ги исполнат нештата кои Тој им ги заповеда.

8 И се случи, кога татко ми беше ги слушнал овие зборови, му беше премногу мило, зашто знаеше дека бев благословен од Господ.

9 И јас, Нефи, и моите браќа тргнавме на патување во дивината, со нашите шатори, за да отидеме во земјата Ерусалим.

10 И се случи дека кога бевме отишле во земјата на Ерусалим, јас и моите браќа се разговаравме еден со друг.

11 И фрлавме жрепка кој од нас треба да влезе во куќата на Лабан. И се случи дека жрепката падна на Ламан; и Ламан отиде во куќата на Лабан, и зборуваше со него додека седеше во неговата куќа.

12 И тој ги посакуваше од Лабан записите кои беа врежани врз плочите од месинг, кои го содржеа родословието на татко ми.

13 И ете, се случи дека Лабан беше разгневен, и го исфрли од неговото присуство; и не сакаше тој да ги земе записите. Затоа, му кажа: Ете, ти си разбојник, и јас ќе те убијам.

14 Но Ламан избега од неговото присуство, и ни ги кажа нештата кои Лабан беше ни ги направил на нас. И започнавме премногу да тагуваме, и моите браќа беа спремни да се вратат кај татко ми во дивината.

15 Но, ете, им кажав: Како што Господ живее и како што ние живееме, нема да му се вратиме на татко ни во дивината додека не го исполниме тоа што Господ ни го заповеда.

16 Затоа, да бидеме верни во одржувањето на заповедите на Господ; затоа да одиме во земјата на наследството на татко ни, зашто, ете, тој остави злато и сребро, и секакви богатства. И сето тоа го сторил поради заповедите на Господ.

17 Зашто знаеше дека Ерусалим мора да биде уништен, поради пакоста на луѓето.

18 Зашто, ете, тие ги одбија словата на пророците. Затоа, ако татко ми живееше во таа земја откако му беше заповедано да избега од земјата, ете, и тој би загинал. Затоа, тој мораше да избега од земјата.

19 И ете, тоа е мудрост на Бог дека треба да ги земеме овие записи, за да можеме да го зачуваме за нашите деца јазикот на нашите татковци;

20 А исто за да можеме да им ги зачуваме словата кои се изговорени од устата на сите свети пророци, кои им биле предадени преку Духот и моќта на Бог, од почетокот на светот, сѐ до ова сегашно време.

21 И се случи дека според ваков начин на зборување, ги убедив моите браќа, да можат да бидат верни во одржувањето на заповедите на Бог.

22 И се случи дека отидовме во земјата на нашето наследство, и ги собравме заедно нашето злато, и нашето сребро и нашите скапоцени нешта.

23 И откако бевме ги собрале овие нешта заедно, повторно отидовме во куќата на Лабан.

24 И се случи дека влеговме кај Лабан, и посакавме тој да ни ги даде записите кои беа врежани на плочите од месинг, за кои би му ги дале нашето злато, и нашето сребро, и сите наши скапоцени нешта.

25 И се случи кога Лабан го виде нашиот имот, а и дека беше премногу голем, тој копнееше по него, толку што тој не исфрли надвор, и ги прати неговите слуги да нѐ убијат, за да може да го добие нашиот имот.

26 И се случи дека избегавме од слугите на Лабан, и бевме приморани да го оставиме нашиот имот, и падна во рацете на Лабан.

27 И се случи дека избегавме во дивината, а слугите на Лабан не нѐ престигнаа, и ние се сокривме во шуплината на една карпа.

28 И се случи дека Ламан ми се разгневи мене, а исто и на татко ми; а исто и Лемуил, зашто ги послуша зборовите на Ламан. Затоа Ламан и Лемуил ни говореа многу тешки зборови на нас, нивните помали браќа, и нѐ удираа и тоа со прачка.

29 И се случи додека нѐ удираа со прачка, ете, еден ангел на Господ дојде и застана пред нив, и им говореше, велејќи: Зошто го удирате вашиот помал брат со прачка? Зарем не знаете дека Господ го избра него да биде владетел над вас, и тоа поради вашите беззаконија? Ете, вие ќе одите во Ерусалим повторно, и Господ ќе ви го предаде Лабан во вашите раце.

30 И откако ангелот ни беше говорел, си замина.

31 И откако ангелот беше заминал, Ламан и Лемуил повторно започнаа да мрморат, велејќи; Како е возможно Господ да ни го предаде Лабан во нашите раце? Ете, тој е моќен човек, и може да им заповеда на педесетмина, да, дури може и да убие педесетмина; тогаш зошто не и нас?