Обреди и Прогласи
Поставки на верата


Поставки на верата
на Црквата на Исус Христос на Светците од Подоцнежните Дни

1 Веруваме во Бога, Вечниот Отец, и во Неговиот Син Исус Христос и во Светиот Дух.

2 Веруваме дека луѓето ќе бидат казнети поради сопствените гревови, а не поради престапот на Адам.

3 Веруваме дека преку помирението на Христос, сите луѓе можат да бидат спасени преку покорување на законите и обредите на Евангелието.

4 Веруваме дека првите принципи и обреди на Евангелието се: прво, вера во Господ Исус Христос; второ, покајание; трето, крштавање со потопување за ослободување од гревовите; четврто, ракополагање за дарот на Светиот Дух.

5 Веруваме дека човекот мора да биде повикан од Бога, преку пророштво и ракополагање од оние што имаат овластување, за да го проповеда Евангелието и да ги извршува неговите обреди.

6 Веруваме во истото устројство што постоеше во првобитната Црква и тоа апостоли, пророци, пастири, учители, евангелисти и така натаму.

7 Веруваме во дар за јазици, пророштво, откровение, виденија, исцелување, толкување на јазици и така натаму.

8 Веруваме дека Библијата е словото на Бога, до онаа мера до која е преведена точно; исто така, веруваме дека Книгата на Мормон е словото на Бога.

9 Веруваме во сѐ што откриваше Бог, во сѐ што открива сега и веруваме дека Тој допрва ќе открие многу големи и важни нешта за царството Божјо.

10 Веруваме во буквално собирање на Израил и во обновувањето на десетте племиња; веруваме дека Сион (Новиот Ерусалим) ќе биде изграден на американскиот континент; дека Христос лично ќе управува на земјата; и дека земјата ќе биде обновена и ќе ја прими својата рајска слава.

11 Полагаме право на привилегијата да Му се поклонуваме на Семоќниот Бог, според гласот на нашата сопствена совест, и да им ја допуштиме на сите луѓе истата привилегија, да им допуштиме да се поклонуваат на свој начин, во свое место и како што можат.

12 Веруваме дека сме под управа на кралеви, претседатели, управители и чиновници, покорни сме на законот, го почитуваме и го поддржуваме.

13 Веруваме дека треба да бидеме чесни, верни, морално чисти, добронамерни, доблесни и да им правиме добро на сите луѓе; всушност, можеме да речеме дека ја почитуваме опомената на Павле—веруваме во сѐ, се надеваме на сѐ, многу сме истрпеле и се надеваме дека ќе бидеме способни сѐ да истрпиме. Ако постои нешто доблесно, љубезно, што е наречено добро или достојно за пофалба, ние го бараме тоа.

Џозеф Смит.